Проектната активност е насочена кон доделување на наградите за новинарство „одоздола“, односно награди за новинари кои пишуваат на социјални теми, поврзани со сиромаштија и социјална исклученост, а на тој начин им даваат глас на луѓето кои ретко имаат можност јавно да зборуваат за своите проблеми и се речиси општествено невидливи.
Она што овој проект го прави уникатен е составот на жирито, односно улогата на членови во жирито ќе ја имаат исклучиво луѓе кои имаат искуство со живот во сиромаштија.
Наградите имаат за цел промовирање на новинарство кое ги опфаќа многуте аспекти на сиромаштијата и социјалната исклученост, поддржуваат известување кое ги почитува граѓаните и внимава на нивното достоинство и изразуваат поддршка на новинарите кои им даваат видливост и гласност на граѓаните кои вообичаено не ги гледаме и слушаме. Конечната цел е да се доделат награди на општествено посветени новинари, кои внимаваат да не градат стереотипи и не се водат од сензационализам.
Доделувањето на „Награди за новинари кои пишуваат за невидливите“ се случува за прв пат во Македонија. Активноста е во рамки на проектот „Journalism-prize goes international“ инициран од Австриската платформа против сиромаштијата, а финансиран од ЕРСТЕ Фондацијата.