Проектот „Зајакнување на граѓанското учество во законодавниот процес“ кој го спроведува Националниот демократски институт (НДИ), ја вклучи Македонската платформа против сиромаштија (МППС) како партнерска организација.
Во проектот се вклучени вкупно седум организации и секоја има задача да подготви и спроведе една законска иницијатива поврзана со индивидуалниот фокус на делување.
Тргнувајќи од својата основна определба, намалување на сиромаштијата, МППС се одлучи за иницијативата „Минимален достоинствен приход“ и веќе активно и посветено работи на неа.
Што е Минимален достоинствен приход?
Минимален достоинствен приход е поим што обично се користи за да се опише исплатата од страна на државата која функционира како „сигурносна мрежа“ за луѓето кои не можат да работат или немаат пристап до пристојна работа.
Ова „примање на крајна опција“ или социјална помош е социјално право и еден од носечките ѕидови на државата за благосостојба и суштинска основа за осигурување на правото за достоен живот на сите.
Овој минимален достоинствен приход најчесто се дава на работоспособни граѓани кои не работат веќе подолго време или кои не заработуваат доволно за да го остварат минималниот квалитет на живот.
Најчести категории на приматели на МДП:
- Родители или Самохрани родители
- Постари лица кои не остваруваат право на достоинствена пензија
- Млади лица кои не можат да најдат работа
- Етнички малцинства
- Работоспособни лица кои подолго не можат да најдат работа
Минималниот достоинствен приход не треба да се побрка со минималната плата што е минимално ниво на приход одредено со закон или со колективен договор.
Пристапноста – посебно достапноста и квалитетот на услугите од општ интерес, вклучувајќи социјални услуги, транспорт, енергија, услуги за вработување во јавните служби, финансиски услуги итн. директно влијаат на конкретната куповна моќ и квалитетот на животот на погодените луѓе.
Зошто минимален достоинствен приход?
- Голем дел од граѓаните се соочуваат со сериозни пречки и недостаток на сервиси при обидите да најдат работа (лоши услови за домување, недостаток на достапни сервиси за грижа на децата или транспорт како и дискриминација).
- За некои граѓани вработувањето не е воопшто решение – лица со попреченост, стари лица, лица со здравствени проблеми
- Чекорот за барање на работа исто така е проблематичен и за оние кои се долго време надвор од пазарот на труд.(изгубена самодоверба, психолошки проблеми, изгубени социјални вештини).
* Ова се бариери дури и да постојат достоинствени вработувања.
Минималниот достоинствен приход :
- Е клучен инструмент во спречувањето на сиромаштијата и социјалната исклученост, сè додека средствата се доволни за да ги извлечат луѓето од сиромаштија.
- Нуди долгорочна сигурност што е потребна на патот кон вработување, поголемо општествено учество или други видови вклученост.
- Овозможува социјалната вклученост на луѓето за кои вработувањето не е опција, дали поради инвалидност, долготрајна болест или проблеми со менталното здравје, обврски кон старите или семејството или каде што нема пристап до квалитетни работни места.
- Е катализатор на фер плати кога нивото на платите е поврзано во позитивна хиерархија со пристојното ниво на минималното примање.
- Е дел од политиките на Земјите-членки на ЕУ и тие веќе се обврзаа на ниво на ЕУ или интернационално да обезбедат примерени примања.
- Во период на економска криза, не само што ги спречуваат тешкотиите за оние што немаат работа туку и осигуруваат нужна основа за потрошувачката што ја поддржува економијата.
Од проектот планирано е да се реализираат следниве активности за 2012-2013:
- Избор на осум локални соработници
- Организирање на фокус групи во месец декември за одредување на индикаторите за Минимален достоинствен приход во следниве општини: Скопје, Битола, Прилеп, Тетово, Св.Николе, Струмица, Берово и Неготино
- Изработка на видео со сведоштва и приказни од ранливи групи на граѓани
- Подготовка на анализа од спроведените осум фокус групи
- Организирање на јавна дебата со претставници од Европската мрежа за борба против сиромаштија и претставници од сите политичките партии во Република Македонија.
- Обуки наменети за членките на МППС
Активности за 2013-2014
- 17 јавни настани и дебати ( Движење за достоинствен живот-МДП), во општините: Скопје (Чаир, Центар, К.Вода, Карпош, Шуто Оризари, Аеродром), Тетово, Струга, Велес, Кавадарци, Прилеп, Струмица, Куманово, Битола, Делчево, Брвеница и Штип
- Он-лајн кампањата со јавни личности во подршка на социјално загрозените граѓани
- Предлог измени на закон за социјална заштита и предлог мерки за исполнување на целта и нивно доставување до пратениците во Собранието на Р.М
- Органиизрање на мирен собир
- Јавна собраниска расправа за потребата од МДП
- Јавен настан – Јавните и познати личности во поддршка на сиромашните и социјално исклучените граѓани во борбата за достоинствен живот
Вклучувањето во проектот и работата на иницијативата се срдечно поздравени од Европската мрежа пртив сиромаштија (ЕАПН) и е добиена силна поддршка за периодот кој следи.