Сабота, Ноември 18, 2017
Text Size

Кампања за борба против сиромаштијата и социјалната исклученост 2010

Кампањата за борба против сиромаштијата и социјалната исклученост 2010 насловена „Секој трет во Македонија води крпен живот“ се спроведуваше во периодот октомври 2010 – декември 2010 и ги опфати следниве активности:

  • Промоција на кампањата преку ТВ и радио спот;
  • Печатење на информативни материјали (флаери, постери, капи, маици, платнени торби);
  • Трибини на локално ниво (Штип, Кичево и Прилеп);
  • Организирање на донаторски настан – телетон;
  • Завршна конференција во Скопје.

Прв состанок на Македонската платформа против сиромаштија - МППС со претставничка од Европската мрежа против сиромаштија - ЕАПН

Активностите од Кампањата за борба против сиромаштијата и социјалната исклученост 2010 започнаа на 28 октомври 2010 во хотел Континентал во Скопје, каде се одржа првиот состанок на Македонската платформа против сиромаштија со г-ѓа Тања Басараб, претставничка од Европската мрежа против сиромаштија - ЕАПН. На состанокот беа присутни 29 претставници од организациите - членки на МППС.

Во првиот дел од состанокот беа прикажани четири презентации:

  1. Г-ѓа Петранка Делова Миладинова, проектен менаџер во БИМ-ФВ Скопје даде краток осврт на спроведените активности од страна на Македонската платформа против сиромаштија во изминатиот период;
  2. Г-ца Мила Царовска, претседател на МППС ги презентираше деталите во врска со процесот на подготовка на Стратегијата за комуникација на МППС, а потоа ја подели финалната верзија од стратегијата помеѓу присутните;
  3. Г-н Владо Анчев, генерален секретар на Македонската платформа против сиромаштија, ги презентираше деталите во врска со процесот на подготовка на Стратегијата за внатрешна комуникација и Етичкиот кодекс на МППС;
  4. Г-ца Јана Поповска, координатор на Кампањата на МППС, даде краток осврт на активностите поврзани со МППС Кампањата за борба против сиромаштија и социјална исклученост 2010.

По презентациите се одржа дискусија поврзана со идните активности и улогите на организациите - членки на МППС. Посебен акцент беше ставен на прашањето за одржливост и на придонесот на индивидуалните организации кон активностите на МППС.

Во текот на вториот дел од состанокот, г-ѓа Тања Басараб, претставничка од Европската мрежа против сиромаштија ги презентираше активностите на ЕАПН, како и искуствата на други национални мрежи за борба против сиромаштија.

Официјален почеток на Кампањата за борба против сиромаштијата и социјалната исклученост 2010 на Македонската платформа против сиромаштија

Во соработка со Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија (МТСП), а поддржано од страна на Институтот за човекови права Лудвиг Болцман – Истражувачка асоцијација Скопје (БИМ-ФВ Скопје) и Австриската соработка за развој, на 29 Октомври 2010 во хотел Континентал во Скопје, Македонската платформа против сиромаштија (МППС) ја одржа својата прва конференција за печат.

По воведниот говор одржан од страна на г-ѓа Петранка Делова Миладинова, проектен менаџер во БИМ-ФВ, на присутните медиуми на настанот им се обрати г-дин Маријанчо Тодоровски, Државен секретар на Министерството за труд и социјална политика, кој изјави: „Лекцијата ја научивме, секој од нас треба да дискутира и да бара начини за да се справиме со овие проблеми. Сите сме одговорни пред оние на кои им треба помош – ранливите групи“.

Г-дин Нафи Сарачини, претставник од Делегацијата на Европската Унија во Македонија, рече: „Статистиката на сиромаштија вклучува фамилии, мажи, жени, стари и млади луѓе, невработени и маргинализирани групи. Но, да не заборавиме, луѓето не се бројки. Треба помалку да зборуваме, а повеќе да делуваме“.

Г-ѓа Сузане Шмит, Конзул на Република Австрија во Република Македонија, ја истакна потребата од координирани акции помеѓу државниот и граѓанскиот сектор како неопходен предуслов за намалување на сиромаштијата: „Македонската платформа против сиромаштија треба да гарантира дека гласовите на сите ранливи групи се слушнати и дека нивните потреби се земени предвид во подготовката на стратегиите и акционите планови на сите нивоа. Граѓанското општество е алката којашто ги поврзува овие групи со оние коишто се одговорни за намалување на сиромаштијата“. 

„Покрај соодветните политики, борбата против сиромаштија бара соодветна финансиска поддршка. Ако една земја може да ги спаси банките и компаниите од пропаст, како што се покажа од последната финансиска криза, земјата исто така може да распредели финансиски ресурси за да го реши и овој проблем“, додаде г-ѓа Тања Басараб од Европската мрежа против сиромаштија.

Г-ца Мила Царовска, Претседател на МППС заклучи: „Македонија има многу важни стратешки документи и ќе инсистира на тоа, сето она што Владата го има напишано на хартија да биде спроведено и во пракса“. Таа ја затвори конференцијата за печат предавајќи ги Насоките на делување на МППС насловен како „Пристап заснован на човекови права во борбата против сиромаштија и социјалната исклученост“ на Државниот секретар на Министерството за труд и социјална политика.

Активности во рамките на Кампањата за борба против сиромаштија и социјална исклученост 2010

Во рамките на Кампањата за борба против сиромаштија и социјална исклученост 2010 беа спроведени три јавни трибини во Штип, Кичево и Прилеп. Целта на трибините беше да се промовира директното вклучување на ранливите и сиромашни во процесот на донесување на одлуки. Беа вклучени претставници од следните ранливи групи: невработени, лица со посебни потреби, самохрани родители, корисници на социјална помош, стечајни работници, жени вработени во текстилната индустрија со ниски примања итн. Трибините овозможија ранливите и сиромашните да ги искажат своите проблеми, потреби и грижи пред надлежните институции, вклучително Министерството за труд и социјална политика, Центрите за социјални работи и локалната самоуправа.

Во поглед на содржината и структурата на трибините, првиот дел имаше за цел да го претстави мандатот на релевантните институции како и да се информираат учесниците за работата и активностите на истите. Вториот дел послужи како простор за консултација, каде учесниците поставуваа прашања и го изразуваа своето мислење. Од страна на ранливите и сиромашни беа идентификувани неколку области за интервенција: образование, пазар на трудот, здравствена и социјална заштита, домување итн. Зголемувањето на нивото на координација помеѓу релевантните институции и спроведувањето на постоечката законска рамка во наведените приоритетни области, беа издвоени како неопходни активности.

Донаторски настан – телетон во рамки на Кампањата против сиромаштијата и социјалната исклученост 2010

На 12 декември 2010, Македонската платформа против сиромаштија - МППС како дел од кампањата против сиромаштија и социјалната исклученост го организираше донаторскиот настан „Сите заедно за децата во ризик“, кој беше пренесуван во живо на Македонската телевизија.

Работната група на МППС за реализација на овој донаторски настан одлучи дека токму 2010 година треба да се посвети на детската сиромаштија, по што како најзагрозена група на деца беа избрани децата на улица. По избирањето на оваа целна група се направи увид во дневните центри за деца на улица, со цел да се направи записник за моменталната состојба во истите и да се предвиди за што ќе се наменат собраните финансиски средства.

Сите релевантни фактори во доменот на сиромаштијата беа поканети, како и познати личности и претставници на невладините организации - членки на платформата. Претставничка од МРТ која беше водител на настанот, а ја помогна и организација, беше Ели Јосифовска. Гости во студиото на МРТ беа претставници на МТСП, претставници на општините, невладините организации - членки на МППС, универзитетски професори и експерти, како и личности од јавниот и културниот живот.

Преку јавувања на телефоните на ВИП, Т-Мобиле и ОНЕ гледачите имаа можност да донираат средства, а исто така беа собрани средства и непарични донации од бизнис заедницата. Се обезбедија: книги, сликовници и школски прибор од книжарницата Култура, издавачката куќа Ѓурѓа и В Ком Групацијата. Баурфеинд - Скопје донираше ортопедски инструменти.

Исто така се обезбедија донации и од здравствени установи кои понудија бесплатни прегледи за децата од дневните центри: Дијагностичкиот центар д-р Хаџиев од Битола,  ПЗУ Плодност од Битола - бесплатни гинеколошки прегледи, ПЗУ Каранџуловски од Битола - бесплатни лекарски прегледи. Финансиски средства беа донирани од: Тинекс, Комфи Ангел од Прилеп, Васидора од Прилеп и Град Скопје.

Завршна конференција од Кампањата против сиромаштија и социјална исклученост 2010

На 21 декември 2010 во Домот на Армијата на Република Македонија, беше одржана завршната конференција од Кампањата против сиромаштија и социјална исклученост 2010.

Целта на овој настан беше да иницира дискусија меѓу релевантните општествени чинители за можностите за директно вклучување на граѓаните во процесот на донесување одлуки, како и да ги потенцира механизмите кои можат да придонесат кон таа цел. На присутните им беа презентирани заклучоци и препораки од трибините кои MППС ги организираше во текот на кампањата во општините Прилеп, Штип и Кичево. Присутните претставници од граѓанскиот сектор, владините институции и академските институции беа информирани за главните наоди на БИМ-ФВ студијата под наслов „Анализа на состојбите во социјалната заштита и социјалното вклучување на локално ниво“, која вклучува информации за фактичката состојба на различните ранливи групи како што се: жени, деца, стари лица, лица со посебни потреби, итн.

Претставникот од Министерството за труд и социјална политика, г-ѓа Ирена Тодороска ја презентираше состојбата и активностите кои се преземаат од страна на министерството во оваа област, како и процесот на подготовка на Националната стратегија за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост во РМ (НСНССИ).

Изнесените препораки за подобрување на состојбата на различните ранливи групи, беа со цел нивно вклучување во оперативните планови за имплементација на НСНССИ.

doniraj

Членка на

eapn-logo

Движење за достоинствен живот

ПУБЛИКАЦИИ

11 Evropski Sostanok
Download EAPN_Tolkuvac_2_MK
Download EAPN_Tolkuvac_2_AL

МППС на социјалните мрежи:

Придружете ни се на Facebook Следи не на twitter Посетете го нашиот блог Посетете го нашиот youtube канал Следи не на flickr